Во говорот што траеше повеќе од два часа, рускиот претседател Путин рече дека ќе продолжи војната во Украина, обвинувајќи ги Алијансата и НАТО дека го поттикнуваат конфликтот, со „погрешно верување“ дека може да се порази Русија. Тој рече дека Русија направила се за да избегне војна, но Украина, поддржана од Западот, планирала да го нападне Крим.
Путин го повтори ставот дека Русија се соочува со нацистичка закана и закани и омраза од режимот во Киев.
„Самиот народ на Украина стана заложник на режимот во Киев и западните организатори, кои ја окупираа оваа земја политички, воено и економски“, рече Путин.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џек Саливан, изјави дека тврдењето на Путин дека војната во Украина била поттикната од Западот е „апсурдно“.
Путин се закани и дека Русија ќе го прекине учеството во договорот со САД за ограничување на нуклеарниот арсенал од двете страни.
„Во тој поглед, должен сум да објавам дека Русија го суспендира учеството во договорот за стратешко оружје. Русија не се повлекува од договорот, туку само го суспендира своето учество. Русија треба да биде подготвена да тестира нуклеарно оружје доколку САД први извршат таков тест“, рече Путин.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, побара од Русија да ја преиспита својата одлука да го суспендира учеството во договорот со Соединетите држави со кој се ограничуваат стратешките нуклеарни арсенали на двете страни. Столтенберг рече дека Русија се подготвува за ескалација на војната, а не за мир.
Таканаречениот Нов СТАРТ, е единствениот договор за нуклеарно оружје меѓу Соединетите Американски Држави и Русија, продолжен за пет години во 2021 година. Првично потпишан во 2010 година, договорот го ограничува поседувањето на нуклеарни боеви глави на страните со долг дострел на 1.550, бројка помала од онаа во првичниот договор.
Шкелзен Аќифи