Петнаесет дена по разорните земјотреси во Турција и Сирија, турските власти соопштија дека ги прекинале повеќето операции за пребарување и спасување. Тимовите се концентрирани во две провинции, Кахраманмараш и Хатај. Последните преживеани беа извлечени од под урнатините во саботата. Брачен пар и нивното 12-годишно дете преживеаја, но подоцна тоа починало. Преживеаните и понатаму раскажуваат за ужасите од потресот.

„Мислев дека е апокалипса, се обидовме да излеземе, но не можевме. Почувствувавме дека куќата се урива таму беа и децата, викав – бегајте по ќошињата, скриј се сине. Но, не можевме да избегаме, се струполивме пред вратата. Ги изгубив сопругот и двата сина. Мојата ќерка во тој момент не беше дома, беше во болница. Немаше лоши вести од неа, но немаше ниту добри“, рече Чигдем Ѓулер – преживеан од Хатај.

„Бев во голем шок. Не можев да се движам, не можев ништо да направам. Првото нешто на што се сеќавам е викањето – дали некој го слуша мојот глас? Можеш ли да ме слушнеш? – удирајќи со раката по земја. Но, не се сеќавам дали тоа се случи два часа или три часа подоцна бидејќи бев во несвест“, рече Бекир Јилдирим- преживеан од Газиантеп.

Последниот број на потврдени загинати во Турција сега изнесува 40.689, откако беа пријавени уште 47 смртни случаи, при што вкупниот број во Турција и Сирија се искачи на најмалку 46.530. Покрај новите градби, земјотресот уништи и многу споменици кои се дел од историското и културното наследство на Турција. Во античкиот град Антакија, една од најстарите џамии во светот е меѓу многуте историски локалитети кои станаа урнатини по смртоносниот земјотрес на 6 февруари. Џамијата Хабиб Наџар е сосема урната, исто како и во 1853 година кога исто така се урнала при земјотрес.

„Овие урнатини се тука поради човечка грешка. Не граделе како што треба. Ако граделе како што треба, сè уште ќе стоеја. Погледнете ги оние згради што стојат, правилно се изградени. Оние не…“, рече Булент Чифцифли- Преживеан.

За обнова на уништените области потребна е огромна сума на пари. Голем број земји доделија финансиска помош за Сирија и Турција. Американскиот државен секретар Антони Блинкен најави 100 милиони долари помош за двете држави, додека американски невладини организации веќе придонесоа со уште 66 милиони долари.

Еви Шкопи