Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 27 февруари во Брисел ќе се сретне со премиерот на Косово, Албин Курти, соопшти Европската Унија.
„Учеството го потврдија претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти“, се наведува во соопштението и се потврдува дека на средбата ќе се разговара за предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Како што е потврдено во соопштението, високиот претставник на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, со поддршка на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, истиот ден ќе има одвоени средби со лидерите, по што ќе следи заедничка средба.
Ова ќе биде прва средба на лидерите на Косово и Србија годинава по тензиите кои доминираат во односите од летото минатата година, а кои се одразија и на настаните на терен.
Курти и Вучиќ последен пат се сретнаа на 21 ноември минатата година, средбата беше неуспешна, а Борел одговорноста за пропаѓањето на преговорите ја префрли на премиерот на Косово.