Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден ќе го претстави денеска Мигел Кардона како свој избор за иден министер за образование.
Најавувајќи го новиот министер, Бајден изјави дека 45-годишниот Кардона ќе и понуди на Америка „искусен и посветен наставник во јавните училишта, кој ќе го предводи Министерството за образование”.
Изборот на Кардона, главниот човек задолжен за образование во Конектикат со долгогодишно искуство во областа на јавното образование, претставува исполнување на ветувањето на Бајден дека за министер ќе одреди лице кое го познава системот на јавно образование.
За разлика од актуелната министерка за образование, Бетси Девос, за кого Бајден тврди дека е противник на јавните училишта, Кардона посетувал такви училишта цел живот, почнувајќи од градинка кога сè уште не го знаел англискиот јазик.
Бајден и Камала Харис денеска во Вилмингтон ќе одржат настан со Кардона по повод неговото именување за иден министер за образование, каде што тој ќе се претстави и ќе зборува за своите планови во врска со работата на Министерството.