Неколку експлозии денеска изутрината го погодија центарот на Киев, изјави градоначалникот Виталиј Кличко, а агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на сведоци објави дека облак од црн чад се издига од зградите. „Неколку експлозии во областа Шевченски – во центарот на главниот град“, напиша Кличко на апликацијата за пораки Телеграм, наведувајќи дека детали ќе следуваат подоцна.
Вчера рускиот претседател Владимир Путин ја обвини Украина дека го организирала терористичкиот напад на клучниот мост што ги поврзува Русија и Крим пред денешната седница на рускиот Совет за безбедност. Украинските власти не ја презедоа одговорноста за експлозијата во саботата на мостот над Керченскиот теснец, главна рута за снабдување на силите на Москва во јужна Украина. „Нема сомнеж. Ова е терористички акт чија цел е да се уништи критично важната цивилна инфраструктура“, рече Путин во неделата во видеото на каналот Телеграм на Кремљ.