Нема брзо решение за спорот со Бугарија без преговори и политички консензус во земјата, тврди новинарот Бранко Геровски во интервју за Тв Шења и порталот zoom.mk барајќи нов преговрачки тим затоа што сегашните разговори ги довел во ќорсокак разговарајќи само за позициите, а не и реални интереси на двете страни.

„Има само еден начин да се реши брзо спорот, Македонија да капитулира. Да прифатиме дека ние Македонците сме Бугари а нашиот јазик е западно бугарски дијалект, кој во 45 по нареднба на Тито е кодифициран како македонски јазик. Ако се согласиме на тоа, тоа може за шест часа, за шест минути да се реши спорот. Ама тоа ли е решението“, прашува Геровски.

Тој смета дека уценувњето на Албанија да не почне преговори со ЕУ додека не се реши спорот на Северна Македонија со Бугарија е валкан план.

„ЕУ ја држи Албанија како заложник за да создаде нервоза и тензија во албанскиот блок, и така да врши притисок да се попуштело. Тоа е не коректно, не е фер“, вели Геровски додавајќи дека нема против албанските политичари да учествуваат во разговорите со Бугарија меѓутоа е неприфатливо тие да ги поддржуваат бугарските ставови.

Според него, има разлика меѓу спорот со Грција и Бугарија затоа што со Атина немало индентиетски проблем, сме смениле службено име на државата, но сме добиле гаранција за македонскиот идентитет.
„И спорот со Бугарија може да се реши со слична формула ако се согласиме дека имаме различно разбирање за македонството, ние и Бугарите, но на маса не е таков предлог“, смета Геровски.