Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ги покани Косово и Србија, да го искористат предлогот на ЕУ, на следните состаноци за нормализирање на односите. Таа рече дека очекува овие две земји да ја искористат можноста на следните средби, за да придонесат за стабилноста на регионот, како и за нивниот пат кон ЕУ. Таа рече дека очекува страните да бидат конструктивни на следните средби.

Дури и Германија очекува дека во новата рунда преговори страните ќе постигнат договор за имплементација на европскиот предлог за нормализација на односите. Од германската амбасада во Белград, за Радио Слободна Европа, велат дека напредокот кон европската интеграција на државите од Западен Балкан, е целта на Берлинскиот процес, но во случајот со Косово и Србија има пречка на овој пат.

Претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, за Радио телевизија Србија изјави дека „ако нема Заедница, нема договор“.

Според него, Заедницата е главниот предуслов за имплементација на европскиот предлог. Косовскиот премиер Албин Курти, изјави дека е оптимист за следната средба која ќе се одржи на 18 март во Охрид, но дека не зависи се од него.

„Го знаеме ставот на Србија, но морам да се осврнам на она што го договоривме, додека планот за имплементација мора да се преговара во Охрид, а можеби не само во Охрид. Јас сум оптимист, но дали ќе успее или не, вие добро знаете дека не зависи само од мене. Јас понудив да го потпишам предлогот за ЕУ на 27 февруари во Брисел, но другата страна ниту беше подготвена ниту заинтересирана. Ако нема успех, не е моја вина затоа што бев посветен, конструктивен и креативен“, рече Курти.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека нема многу надеж за пристапот на Србија на следната средба со Косово во Охрид, но очекува меѓународната заедница да изврши притисок врз Србија.

„И Србија треба да се увери дека средбата што ќе се одржи во Охрид е исклучително важен моментум во процесот на дијалог. Преку овој договор треба да се решат многу прашања кои потоа ги отвораат вратите за меѓусебно признавање“, изјави Османи.

На средбата во Охрид, Косово и Србија, со европски посредници , се очекува да разговараат за планот за имплементација на предлогот на ЕУ, за нормализација на односите.

Шкелзен Аќифи