Ескалира војната меѓу Хезболах и Израел

Насилството на границата меѓу Либан и Израел ескалира денеска, откако Хезболах испрати беспилотни летала со експлозиви и лансираше моќни ракети кон израелските позиции, а Израел изврши воздушни напади врз неколку градови и села во јужен Либан. Израел и проиранскиот Хезболах разменуваат оган од почетокот на војната во Појасот Газа пред два месеца. Насилството е главно ограничено на пограничната област, пренесува Ројтерс.

Израелските напади врз јужен Либан вклучија воздушни напади врз градот Аитарун, каде што беа уништени и оштетени многу куќи, јави либанската Национална новинска агенција NNA, без да прецизира дали има жртви. Израелската војска немаше никаков коментар.

Високиот политичар на Хезболах, Хасан Фадлалах, оцени дека тоа е „нова ескалација“ на која Хезболах одговара со нов тип на напад во однос на оружје и цели. Израелската војска објави дека „сомнителни воздушни цели“ преминале од Либан и дека две биле пресретнати.

Двајца израелски војници се здобиле со умерени повреди, а неколку други се здобиле со полесни повреди, соопшти израелската армија.

Израелски воени авиони извршија „голем број напади врз цели на Хезболах на либанска територија“. Сирени за тревога се огласија во неколку израелски населби во близина на границата. Жителите на Бејрут виделе два воени авиона како го надлетуваат градот.

Високиот функционер на Хезболах, шеикот Али Дамуш изјави денеска дека Хезболах ќе продолжи со напорите да го „исцрпи непријателот и нема да запре додека не заврши агресијата врз Газа и Либан“. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху предупреди дека Бејрут ќе биде претворен „во Газа“ доколку Хезболах започне отворена војна.

Хезболах објави дека лансирал беспилотни летала со експлозив во израелската командна станица во близина на Јаара. Испукани биле и ракети Буркан (Вукан) кои носат стотици килограми експлозив. Израелски воздушни напади се пријавени на периферијата на либанското село Јарун, во близина на локацијата на втората израелска позиција нападната денеска од Хезболах.

Во воздушните напади се скршени прозорци на куќи, продавници и училиште во блиското село Рмеиш, изјави локалниот свештеник Тони Елиас. Повеќе од 120 луѓе загинаа во пограничното насилство во Либан, вклучувајќи 85 борци на Хезболах и 16 цивили. Од израелска страна загинаа седум војници и четворица цивили.

Г. Т.