Одлуката на Здружението на српските доброволци од војните 1912-1918 година да му ја додели наградата „Војвода Вук“ на заменик-претседателот на Владата, Иван Стоиљковиќ, претставува длабоко навредлив и провокативен чин, особено имајќи ја предвид мрачната историја на злосторствата извршени од српските доброволни сили врз Албанците во Северна Македонија во периодот 1912-1918 година, познат како геноциден период, реагираат од ДУИ.

„Во тој период, особено за време на Балканските војни и Првата светска војна, цивилното население на територијата на денешна Северна Македонија, особено Албанците, се соочија со етничко чистење, масакри и масовни протерувања.

Историските извори сведочат за палење на цели албански села, силувања, тортура и масовни егзекуции.

Во Тетово, Гостивар, Скопје, Кичево и многу други региони, Албанците беа цел на српските сили, кои ги третираа како пречка за проектот на асимилација и територијална експанзија“, истакнуваат од партијата на Ахмети.

Според историските сведоштва, како што е напоменато во напишаното од страна на ДУИ, десетици илјади Албанци беа убиени, а илјадници други беа насилно протерани од своите домови.

Во некои случаи, како што велат, варварствата вклучувале силувања и живо палење на албански цивили.

Овие злосторства, додаваат од партијата, не само што оставија длабоки рани кај албанскиот народ, туку и ги зајакнаа поделбите и етничките тензии кои сè уште се чувствуваат денес.

„Трагична иронија е што државен функционер, кој раководи со министерството одговорно за Охридскиот договор и претставува држава која треба да промовира помирување и соживот, прифаќа одликување од здружение кое е директно поврзано со толку болен период за Албанците во Северна Македонија и го објавува тоа како признание.

Овој чин не е ништо помалку од обид за легитимирање на минатите злосторства и навреда на споменот на илјадниците албански жртви.

Почитувањето на споменот на жртвите и прифаќањето на историските вистини се единствениот темел за помирување и заедничка иднина“.

Албанците во Северна Македонија, потенцираат од ДУИ, нема да молчат пред обидите за легитимирање на неправдите од историјата.