Продолжуваат политичките судири меѓу ДУИ и коалицијата ВЛЕН во врска со присуството на Гаши, Таравари, Меџити и Ибрахими на инаугурацијата на претседателот Трамп во Вашингтон. Од ДУИ велат дека лидерите на ВЛЕН не присуствувале на инаугурацијата на Трамп, додека јавните изјави за официјална покана се срамна измама и обид да се создаде илузија за меѓународна поддршка, велат од ДУИ.

„Наместо достоинствено да ги застапуваат интересите на граѓаните, тие беа видени како талкаат по улиците на Вашингтон, објавувајќи гротескни фотографии на социјалните мрежи пред плакати на церемонијата и владините згради. Бараме секој од нив јавно да ги објави средствата потрошени од државата за оваа екскурзија и потоа обвинителството да покрене целосна и непристрасна истрага за овој скандал“, рекоа од ДУИ.

Повиците на ДУИ и нејзините персона нон грата членови се само очајнички обиди да се оттргне вниманието на граѓаните од вистината, Албанците се уморни од нивните измами и празни зборови! Вака ВЛЕН реагираше на обвинувањата ДУИ

„ДУИ е изолирана! Никој не ги слуша, ниту во државата, ниту надвор. Американците ги означија како непожелни и тоа не можат да го сокријат. Ние, од коалицијата ВЛЕН, сме горди што сме меѓународно почитувани. Нашето учество на инаугурацијата на претседателот Трамп е чест и доказ за нашата силна позиција на меѓународната сцена. Наместо преку соопштенија да бара обвинувања против другите, ДУИ треба да погледне во својот двор и да објасни како нејзините лидери стигнале до точка да бидат ставени на црна листа или под мониторинг на меѓународните институции“, рекоа од ВЛЕН.

Како дел од владината делегација во Вашингтон отпатуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, вицепремиерот Изет Меџити и заменик министерот за европски прашања Викторија Трајков. На инаугурацијата присуствуваа и претседателот на Собранието Африм Гаши, министерот за здравство Арбен Таравари и лидерот на Алтернатива Зеќирија Ибрахими. Никој од нив не ја објавил поканата за да потврди дека е директно од администрацијата.