Со химните на Република Бугарија и на Република Северна Македонија, кај споменикот на генерал-мајор Константин Каварналиев во близина на Дојран беше одбележана 113-годишнината од смртта на бугарскиот офицер, загинат за време на Меѓусојузничката војна, јавува БТА, пренесува Трибуна.

На настанот присуствуваа амбасадорот на Бугарија во Северна Македонија Желјазко Радуков, генералниот конзул во Битола Петар Петров, претставници на Министерството за одбрана на Бугарија, курсанти и професори од Високото военовоздухопловно училиште „Георги Бенковски“, претставници на дипломатските мисии, организации на воените ветерани и претставници на бугарската заедница во земјата.

Во своето обраќање, амбасадорот Радуков истакна дека улогата на бугарската армија е „да го заштити бугарскиот народ“ и дека Каварналиев загинал „купувајќи време за населението да се повлече на безбедно“. Тој нагласи дека воената професија е „најдостојната, но и најнеблагодарната“, бидејќи бара од човекот да го положи својот живот „за да можат други да продолжат да живеат“.

Радуков потсети дека споменикот, изграден во 1916 година, бил разрушен во 1966 година, а неговото обновување траело речиси три децении. Тој подвлече дека, вистински добрососедски односи не можат да се градат со „епизодични гестови на добронамерност“, додека уништувањето на спомениците е системско. Во 1916 говор по повод откривањето на споменикот одржал легендарниот бугарски воен командант и педагог полковник Борис Дрангов.

Споменикот од бел врачански камен беше обновен и откриен во 2019 година, во присуство на тогашните премиери Бојко Борисов и Зоран Заев. Оттогаш, секоја година на ова место се одбележува годишнината од смртта на Каварналиев.

За животот и подвигот на генерал-мајор Каварналиев говореше пензионираниот генерал-мајор Тодор Дочев, а отец Теофил од Струмичката епархија отслужи заупокојна молитва за загинатите бугарски војници. Венци и цвеќиња беа положени од институции, здруженија и претставници на бугарската заедница.

Константин Каварналиев загинал на 23 јуни 1913 година кај Дојран, откако со околу 4.000 војници се спротивставил на многукратно побројна грчка војска. Посмртно бил произведен во чин генерал-мајор. На истото место се погребани и петмина војници од неговата рота.

Галеријата можете да ја погледнете овде.