Жителите на Куба останаа без струја поради оштетување на електричната мрежа предизвикана од ураганот Ијан. Две лица ги загубија животите по налетот на невремето, а ураганот продолжи да се движи кон Флорида, пренесува Н1.
Земјата е „без услуга на електрична енергија“, соопшти кубанската државна електроенергетска компанија „Унион Електрика“ на Твитер.
Шефот на кубанската електрична компанија соопшти дека прекинот на електричната енергија е поради дефект на националниот електроенергетски систем. Официјални лица велат дека електроенергетскиот систем претрпел целосен колапс бидејќи една од главните електрани не можела повторно да се приклучи на мрежата.
Две лица загинаа во ураганот, десетици илјади беа евакуирани, а бројни згради беа оштетени ширум земјата. Ураганот Ијан направи најголема штета во западниот дел на островот.
Жителите на Хавана ја минаа ноќта на улиците, шетајќи во целосен мрак, осветлени само од фаровите на автомобилите што поминуваа. Само мал број луѓе имале струја со помош на агрегати во земјата од 11.2 милиони жители.
Ураганот од трета категорија со ветрови од 195 километри на час сега се движи кон Флорида.