Бремените жени не се враќаат со физичко присуство на работа и по 31 декември. Тие се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство се до завршување на пандемијата со ковид-19. Бројките на новозаразени според последните објавени извештаи говорат за приближни бројки на новозаразени и оздравени. Во билтенот вчера беа регистрирани 592 нови случаи, 691 оздравен, во болнички услови се лекуваат 613, а во последниот ден починале 21 лице.
Информацијата за ослободување на бремените жени од Владата ја објавија по изразениот интерес околу обврската за работа и работни обврски со физичко присуство на работното место, на бремените жени, по 31 декември 2020 година.
– Содржината на мерките е регулирана со членот 13, точка 11 и членот 16 од Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест КОВИД-19, предизвикана од вирусот САРС-КоВ-2, случаите и временскиот период на нивна примена, објавена во Службен весник на 4 ноември 2020 година, велат од Владата.
Последните бројки на новозаразени и оздравени беа скоро изедначени, односно од 2206 направени тестови вчера позитивни биле 592 лица, додека во исто време како оздравени се регистрирани 691 лице. Од новозаболените 259 се од Скопје по што следат Кавадарци со 35, Куманово-31, Прилеп-30, Охрид-28, Битола-24, Струга и Гостивар по 21, Тетово-18, Велес-17, Струмица и Неготино по 12,…. Како последица од Ковид-19 според МЗ вчера починаа 21 лицe.
Во ковид-центрите низ Скопје, според вчерашните податоци на Министерството за здравство, се хоспитализирани 613 лица сомнителни и потврдени со ковид -19. Од Министерството посочуваат дека има слободни легла на ковид одделенијата. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Од Министерството за здравство соопштија дека се во постојан контакт со сите болници и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 80407, бројката на оздравени пациенти е 57434, на починати е 2375, а бројот на активни случаи изнесува 20598.
Се бара решавање на статусот на младите лекари со трајно вработување за приватните млади специјализанти кои работат во Ковид-центрите во Клиничкиот центар. Ова, како што соопшти Министерството за здравство, било тема на средбата на министерот Венко Филипче со претставници на приватните млади специјализанти, а со кои разговорите ќе продолжат на следниот состанок закажан за наредната недела.
– Инвестирањето во младите е најважно, зашто тие се иднината во јавното здравство. Клучно за креирањето на здравствените политики е учеството на младите здравствени работници. Наша цел е да го решиме статусот на младите лекари со трајно вработување, истакна Филипче.