Советот за безбедност на ОН денеска ќе гласа за две нови нацрт-резолуции за војната меѓу Израел и Хамас, подготвени од Русија и САД.

Откако минатата недела беа отфрлени два текста подготвени од Русија и Бразил, две нови нацрт-резолуции ќе бидат ставени на гласање, изјавија дипломатски извори.

Новиот руски предлог уште еднаш повикува на „итно воспоставување на постојан и целосно почитуван хуманитарен прекин на огнот“ и ги осудува „сите насилства и непријателства против цивилите“.

Но, за разлика од текстот, што минатата недела беше поддржан од само пет земји, новиот нацрт го спомнува Хамас и ги „осудува грозоморните напади“ на палестинското исламистичко движење во Израел на 7 октомври.

САД ставија вето на резолуцијата подготвена од Бразил минатата недела, која доби 12 гласа „за“. Вашингтон потоа го критикуваше недостигот на спомнување на „правото на Израел да се брани“.