По повеќе од 24 часа глобален прекин, „Мајкрософт“ утрово соопшти дека целосно ги обновил услугите на платформите Teams, Outlook, Copilot и другите погодени апликации. Прекинот предизвика проблеми во комуникацијата и работата на компании, владини институции, болници, судови и полиција во повеќе земји.

„Ги завршивме активностите за отстранување на основната причина за инцидентот и ја воспоставивме услугата за преостанатите засегнати корисници и региони“, соопшти компанијата.

Проблемите ги зафатија Outlook, Mic osoft Excha ge O li e и други услуги поврзани со електронската пошта. Корисниците не можеа да испраќаат и примаат пораки, да пристапат до алатката за вештачка интелигенција Copilot, ниту да се приклучуваат на претходно закажани состаноци преку Teams.

Прекини имаше и кај услугите за споделување документи, управување со деловни податоци и заштита на електронската пошта.

Последиците се почувствуваа на повеќе континенти. Во САД, некои градски администрации ги повикаа граѓаните да ги контактираат телефонски бидејќи нивните интернет-услуги не функционираа.

Во Велика Британија, дел од граѓаните имаа проблеми со добивањето лекарски рецепти, а неколку полициски управи побараа пријавувањето кривични дела и други инциденти да се врши телефонски, наместо преку интернет.

Прекинот го отежна и работењето на банкарските службеници во Хонг Конг, додека државните службеници во Јапонија мораа да изработуваат хартиени копии од документи. Погодени беа и судови на Филипините, железнички системи, училишта и државни служби во Австралија.

Според првичната процена на американската консултантска организација „Андерсон економик груп“, економските загуби од прекинот би можеле да достигнат речиси седум милијарди долари, поради намалената продуктивност.

Претседателот на организацијата, Патрик Андерсон, проценува дека во четвртокот до 26 милиони корисници претрпеле сериозни нарушувања во работењето, а во петокот бројката достигнала 51 милион. Тој предупредува дека станува збор за почетна процена и дека вкупната штета може дополнително да порасне.

„Мајкрософт“ потврди дека прекинот не бил предизвикан од кибернетички напад, туку од технички проблем поврзан со мрежната инфраструктура. Според компанијата, проблемот настанал при претходна надградба на мрежниот капацитет, а се активирал по неодамнешна промена во мрежата.