Грција разговара со арапскиот свет, Грција разговара со Израел и сме кредибилни во она што го кажуваме. Секогаш поддржуваме мирно решавање на разликите, порача министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис говорејќи на панел дискусија на конференцијата на Економист, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефот на грчката дипломатија, ги повтори позициите на Грција дека Израел има право на самоодбрана согласно меѓународното право, дека осудуваат секаков вид на тероризам и дека е особено важна хуманитарната помош и спречувањето на загуба на животи на цивили.

-Препознавам дека од една страна дека Израел има легитимно право на самоодбрана, меѓутоа од друга страна важно е како Израел го прави тоа. Важно е колку е можно да се спречи загуба на животи, животите на цивили. Грција е многу кредибилен актер, многу урамнотежен актер, многу принципиелен актер и мислам дека би можеле да бидеме соговорници, но тоа не е наш приоритет или цел да станеме соговорници во овој конфликт, она што навистина сакаме е да бидеме принципиелни и корисни. И мислам дека можеме да бидеме корисни бидејќи разговараме со сите засегнати страни, порача Герапетритис.

Истакна дека уште од самиот почетокот имале конструктивна улога во конфликтот со балансирана позиција и се координираат на европско ниво за секаков вид хуманитарна помош.

-За нас, прашањето на Блискиот Исток ќе треба да биде на агендата на меѓународната сцена, ќе треба да работиме на решение кое веќе е промовирано со одлуки и резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации за две држави, држава на Палестина со главен град источен Ерусалим и да, ќе треба да се гарантира дека секоја држава, има право на својата територија да ужива мир и интегритет. Тероризмот во секоја форма не може да се толерира од никого, истакна шефот на грчката дипломатија.

За надворешната политика на Грција рече дека ќе остане политика на принципи, за нив „дипломатијата и надворешната политика пред сѐ се однесуваат на интересите на земјата“, но ги поддржуваат и правото, демократијата,дијалогот и просперитетот“.