Продолжуваат операциите за пребарување и спасување во населените места погодени од земјотресите, каде се урнаа многу згради, под чии урнатини се претпоставува дека има многу луѓе. Во видеото кое доаѓа од Сирија, спасувачките тимови извлекуваат живо девојче од урнатините.
Уште едно момче е извлечено живо од урнатините на урната зграда во Сирија.
Како одминуваат часовите се зголемува бројот на загинати но и среќните слуаи на спасување на животи од под урнатините. Таков беше случајот со двомесечното бебе кое по 29 часа беше извлечено живо од урнатините.
На друго видео се гледа мало девојче под урнатините како плаче и моли за помош, додека во рацете држи мало бебе.
Додека спасувачките екипи трагаат под урнатините во градот Нурдаги, преживеаните зборуваат за ужасот, но и разочарувањето од властите што не интервенирале навреме.
„Сестра ми има четири деца. Таа има и снаа, внуци и внуки. Сите исчезнаа. Ако дојдоа вчера спасителите, ќе беа спасени, но не дојдоа“, вели Нилуфер Саркиоз, преживеан.
УНИЦЕФ соопшти дека земјотресите и последователните потреси, кои уништија илјадници згради во Турција и Сирија, можеби убиле илјадници деца. Светската здравствена организација соопшти дека околу 23 милиони луѓе би можеле да бидат погодени од силниот земјотрес.
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, прогласи вонредна состојба на три месеци.
„Извлековме повеќе од 8000 луѓе од урнатините, додека 5775 згради се урнати. Имаше 312 последователни потреси“, рече Фуат Октај, потпретседател на Турција.
Специјалистички тимови од целиот свет се мобилизирани за да пружат помош во операциите за пребарување и спасување во Турција и Сирија, каде што многу луѓе беа затрупани под урнатините по смртоносниот земјотрес на 6 февруари.
Шкелзен Аќифи