Властите во главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, наредија петдневно заклучување поради зголемен број случаи на „неодредена“ респираторна болест, објави сеулскиот Ен-Ка њуз, цитирајќи владино соопштение.
Во известувањето не се споменува ковид-19, но се вели дека жителите на Пјонгјанг морале да останат во затворени простории до крајот на неделата и да се подложуваат на проверка на температурата неколку пати на ден, пишува Ен-Ка њуз, кој ја следи Северна Кореја, пренесува Ројтерс.
Според медиумите, се чини дека жителите на Пјонгјанг складираат стоки во очекување на построги мерки. Сепак, не е јасно дали другите области на Северна Кореја вовеле некакви ограничувања.
Северна Кореја го пријави своето прво појавување на ковид-19 минатата година, но до август прогласи победа над вирусот.
Сепак, таа никогаш не потврди колку луѓе се заразени со коронавирус.
Државната новинска агенција КЦНА во вторникот објави дека градот Каесонг, кој се наоѓа во близина на границата со Јужна Кореја, ја засилил кампањата за јавна комуникација „за сите вработени доброволно да се придржуваат до прописите против епидемијата во работата и животот“.