Во Шпанија, 2022 година беше најтоплата од 1916 година, од кога се достапни првите податоци, објави денеска националната метеоролошка агенција (АЕМЕТ).

Advertisements

– Минатата година беше најтопла во Шпанија, барем од 1916 година, објави агенцијата преку Твитер, посочувајќи дека за прв пат просечната годишна температура надмина 15 степени Целзиусови и беше речиси 15,5 степени.

Како што се наведува, до 2011 година просечната температура никогаш не надминала 14,5 степени, а оттогаш тоа се случило пет пати. Пред 2022 година, двете најтопли години беа 2017 и 2020 година.

Агенцијата прецизира дека во ретроспектива ја утврдила просечната годишна температура помеѓу 1916 и 1961 година врз основа на изолирани мерења и статистички модели.

Како и другите делови на Европа, во 2022 година Шпанија беше погодена од неколку топлотни бранови во текот на летото, што исто така го одбележаа пожари, зголемена смртност и зголемено ниво на суша.

– За првпат, две последователни сезони во иста година (лето и есен) беа најтопли по ред, соопшти шпанската метеоролошка агенција на 21 декември во привремениот биланс на состојба.

Смртта на речиси 4.744 луѓе во Шпанија може да се припише на горештините во летото 2022 година, според проценките за зголемена смртност од Институтот за јавно здравје.

Во Шпанија, пожарите изгореа и повеќе од 300.000 хектари во 2022 година, што е најлош биланс од почетокот на мерењата во 2000 година, според Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS).

– Имајќи ги предвид врнежите регистрирани до 15 декември, ова е трета последователна најсушна година, се вели во привремениот биланс на шпанската метеоролошка агенција.