Под слоганот „Албанија во опасност, заедно да излеземе од неа”, албанските опозициски партии, Демократската предводена од Сали Бериша и Партијата на слободата на Илир Мета, синоќа одржаа протест пред владата во Тирана.
Двајцата му порачаа на премиерот Еди Рама дека „набрзо ќе се најде пред лицето на правдата и дека го очекува затвор”, јави дописничката на МИА од Тирана.
– Во албанската химна не постои зборот откажување туку предавник. Денеска предавникот го следи овој победнички митинг од луксузен чартер, но, набрзо ќе го стигне правдата, многу набрзо ќе биде пред лицето на правдата за она што го прави. Ова е посебен ден. Рама има стотина авионски патувања со чартер, ги краде Албанците секоја секунда, затоа нема потреба да биде во Албанија. Под итно треба да замине. Ова е демократска пролет која не може да се спречи. Вие имате право да ја урнете владата, порача меѓу другото Мета.
Пред илјадниците протестанти од сите делови на земјата се обратија претставници на партиите, граѓански активисти, културни работници, пратеници, во чии говори заеднички именител беше дека „владата на Рама мора да падне за да се спаси Албанија и албанскиот народ”.
Последен се обрати Бериша кој учеството на протестот го опиша како „цунами на слободата на Албанците”.
– По Енвер Хоџа, Еди Рама е најжестокиот непријател на нашите слободи. Тој кој ги ја украде надежта и божествената светлина кон иднината.Овој непријател не признава ниту закон, ниту Уставот, ниту морал и ја искористи машинеријата на нарко државата за да им го одземе гласот, достоинството, надежта, вербата на Албанците, обвини тој.
Додаде дека Рама со кражбата на гласовите го вратил монизмот.
– Еди Рама, ќе го архивираме твојот монизам во куќата на срамот на историјата, ќе го архивираме твојот монизам заедно со тебе, твоето место е во затвор со посебен режим и ќе те однесеме таму, порача Бериша.
Тој со повик до меѓународните претставници да не го поддржуваат „режимот на Рама” и предупреди дека без „слободно даден глас нема стабилна Албанија”.
За безбедноста беа ангажирани повеќе од илјада полициски службеници од сите сектори, како и припадници на Националната гарда. Влезната врата на владиниот објект беше заштитена со метални профили, а на многу места долж булеварот „Национални херои” беа поставени камери со висока резолуција. Зголемено беше обезбедувањето и пред Парламентот и други државни институции.
Освен неколкуте моменти што се случија на крајот на тричасовниот протест, кога дел од учесниците го пробија полицискиот кордон и се качија на степениците пред влезната врата на владиниот објект, палеа свеќи и фрлија боја на објектот и приведувањето едно лице, на протестот немаше инциденти.
Ова беше втор протест организиран од Демократската партија по оној на 7 јули, но беше многу помасовен.