Римечот за титулите во тешка категорија помеѓу Украинеот Олександер Усик и Ентони Џошуа ќе се оддржи на 20 август во Џеда, Саудиска Арабија, јавува „ЕСПН“.

Advertisements

Мечот беше закажан за 23 јули, но дојде до одложување за Британецот Џошуа да има дополнителен месец работа со новиот тренер Роберт Гарсија. Минатиот септември, Усик (19-0, 13 КО) доминираше против Џошуа за едногласна победа на поени за да ги освои трите титули во тешка категорија (ВБА, ИБФ, ИБО), за 32-годишниот Џошуа веднаш да ја повлече клаузулата за римеч.

Џошуа неодамна се раздели со тренерот Роберт Мекрекен, со кого работеше во текот на целата професионална кариера и кој му беше тренер како аматер кога тој ја освои олимписката титула во 2012 година. 35-годишниот Усик, пак, кој е роден на Крим во февруари се врати во Украина, каде што се пријави во територијалната одбрана во војната против Русија, но доби посебна дозвола од украинските власти да замине од земјата за да се подготвува за одбраната на титулата./Makfax

Прикажи повеќе