Тибо Куртоа не можеше да ги запре „граѓаните“ на Пеп Гвардиола , иако заврши со 50 отсто успешност во одбрани, повеќе спречувајќи тотална катастрофа на „кралевите“, кои и вака на „Итихад“ доживеаа дебакл (0-4) од Манчестер Сити за да ја предадат круната.

Куртоа после болниот пораз со кој Реал Мадрид не успеа да стигне повторно во финале и да ја брани титулата, посочи дека тешко ќе се проголта ваквиот пораз.

„Ќе мора да анализираме многу подлабоко што се случи, ќе мора добро да ги видиме сите грешки. Ова е пораз кој многу повеќе боли. Да загубите 1-2, 0-1 е нешто што е болно, но и прифатливо, ама ова е тешко да се проголта. Можеби требаше да правиме повеќе прекршоци, може требаше да им ги спречиме ‘вторите топки’, да играме со многу поедноставни додавања. Многу тешко беше, зашто не можевме никако да ги пробиеме, а кога ја бркате топката против тим како Сити, воопшто не е лесно да ја освоите. Сепак, треба да останеме горди, Сити сезонава е тотално доминантен, а ние реално не бевме на сто отсто и кога е така – ептен тешко е да им парирате“, рече Куртоа по мечот.

Прикажи повеќе