По три месеци од израелските напади во Појасот Газа, Обединетите нации (ОН) објавија во соопштение дека ситуацијата за цивилите на палестинската територија станува уште посмртоносна и потешка.
„За три месеци по ужасните напади на 7 октомври, Газа стана место на смрт и очај“, изјави Мартин Грифитс, шеф на организацијата за итна помош на ОН, OCHA. Дури и областите во кои цивилите се преселиле на барање на Израел беа бомбардирани, а медицинските установи исто така беа „безмилосно нападнати“.
Израелската армија во повеќе наврати изврши напади во и околу болниците во изолираното крајбрежно подрачје под обвинувања дека исламистичката организација Хамас ги злоупотребува за терористички цели.
Неколку болници кои сè уште се делумно функционални се преплавени од очајни луѓе кои бараат заштита, истакна Грифитс.
„Се случува катастрофа во јавното здравство. Заразните болести се шират во преполните засолништа бидејќи се излеваат канализациите. Околу 180 Палестинки се породуваат секој ден во овој хаос. Луѓето се соочуваат со најголемото ниво на криза со храна досега забележано. Гладот е зад аголот“, рече Грифитс.
„Посебно за децата, изминатите 12 недели беа трауматични. Нема храна, нема вода, нема училиште. Ништо, освен застрашувачките звуци на војна, од ден на ден“, рече координаторот за итна помош на ОН.
Појасот Газа едноставно стана „непогоден за живеење“, заклучи Грифитс.
Според здравствените власти, кои се под контрола на Хамас, повеќе од 22.000 луѓе, од кои огромно мнозинство се цивили, се убиени од почетокот на војната.
Истовремено продолжуваат ракетните напади врз Израел, а во Појасот Газа се уште се држат 120 заложници, нагласи Грифитс. Тој ги повика двете страни да ги исполнат своите обврски според меѓународното право и уште еднаш повика на итен прекин на војната.
Масивната израелска воена операција во Појасот Газа, наводно, била одмазда за координирана серија терористички напади од страна на исламистичката организација Хамас и други екстремистички палестински групи на 7 октомври 2023 година.
Г. Т.