Македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас, со Наполи ја слави шампионската титула во Серија А. Елмас е вториот Македонец со шампионска титула во калчо лигата. Пред Елмас, шампион на Италија пред 13 години со Интер стана легендарниот Горан Пандев.
Наполи, матаматички ја обезбеди титулата по ремито со Удинезе (1:1) во 33.коло. Наполитанците на пет кола до крајот на сезоната имаат недостижни 16 поени повеќе од Лацио. Македонскиот репрезентативец се огласи со моќна порака на социјалните мрежи.
„Доаѓаме од мали земји како Македонија, Косово, Грузија, Нигерија, Словачка, Камерун, останатото е историја. Сонот на Неапол стана стварност“.
Елмас, сезонава одигра 31 натпревар за Наполи, во освојувањето на титулата придонесе со шест гола./Makfax/