Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски денеска во одговор на пратеничко прашање рече дека Фондот за здравство за рекордно време го врати системот во функција, а здравствените податоци на граѓаните се безбедни. Премиерот истакна дека хибридниот и сајбер напад кој што се случи во ФЗО, веднаш беше пријавен во МВР и дека како земја не сме по ништо исклучени по вакви напади кои се интензивираат после војната во Украина и со која трети страни целат да направат хаос во државниот систем и да предизвикаат паника и немир кај граѓаните.
„Она што можам да го кажам и што е факт е дека Фондот за 14 дена успеа да се врати во целосна функција и да исплаќа плати и породилни боледувања на сите корисници на услугите на Фондот, што доколку истражите ќе се уверите дека е брзо бидејќи на други институции во светот кој што биле предмет на ваков сајбер напад им биле потребни во просек 22 до 23 дена и тоа е индикатор дека Фондот одлично се има справено со овој напад.
Она што исто така сакам да остане јасно овде и јасно кажано е дека при тој напад не се случува излевање на податоците на граѓаните и дека здравствените податоци на граѓаните се безбедни без разлика што одредени индивидуи придонесуваа во создавање паника дека личните податоци на граѓаните се загрозени“, рече Ковачевски.
За барањето за одговорност за овој случај, премиерот истакна дека одговорност се бара кога за тоа постои реална причина.
„Во овој случај тоа не е така и тоа поради три моменти. Прво ги видов договорите со кој Фондот ги има реализирано или биле во тек на реализација непосредно пред сајбер нападот и тие укажуваат дека подготовката за заштита од сајбер напади која што ја спремале била на највисоко ниво и е согласно со ревизорските извештаи од претходните години кои што укажале дека треба да се купат такви системи за кои што веќе се потпишани договори.
Сајбер нападот за жал се случува непосредно пред тие да се стават во функција. Прочитав некаде дека имало обвинување што немало бекап во центарот во Прилеп, но реално Фондот веќе бил спремен за секундарна локација на податоци, како со овие договори и немало ни потреба да се носат на третото место.
Тоа ме води до вториот момент а тоа е дека во моментот кога се случува сајбер нападот тие се ангажираат 24 часа на ден и ангажираат експерти од земјата и од нашите стратешки партнери од странство за да го вратат во функција системот најбрзо возможно што всушност и се случи како што кажав за 14 дена што е брзо во однос на просекот од 23 дена во такви институции кои што имале таков сајбер напад во други држави.
Трето, кога е веќе јасно дека со оваа конкретна работа и навремено се спремале и соодветно одговориле го видов и извештајот на Државниот завод за ревизија и тоа што биле забелешки, но и како по сите забелешки постапиле или се во тек на постапување. Тоа значи дека директорката си ја работи работата за Фондот како што треба и според правилата, законот и прописите“, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот посочи дека пари во Фондот има и пари во буџетот на Фондот има, и пари во централниот буџет има, тоа се факти, се друго се дезинформации и лаги, а дека е така и дека тоа што го кажувате дека немало пари во Фондот е лага, говори фактот дека дента кога успеаа ИТ инженерите да го санираат системот веднаш почнаа исплатите кон сите корисници на услугите на ФЗО.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.