Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, јавно предупреди дека луѓето не треба да ѝ припишуваат религиска моќ на вештачката интелигенција или целосно да ѝ го препуштаат човечкото расудување, пишува „The Verge“.

Иако не е сосема јасно што точно го поттикнало да се огласи на платформата Икс, Алтман предупреди дека ваквиот однос кон моделите на вештачка интелигенција претставува реален безбедносен проблем.

„Многу непријатно се чувствувам поради тоа што луѓето се обидуваат да им припишат религиска сила на моделите на вештачка интелигенција или да им го препуштат човечкото расудување и мислам дека тоа е реален безбедносен проблем“, напиша Алтман.

„The Verge“ претходно пишуваше и за таканаречениот „спирализам“ – онлајн феномен во кој дел од корисниците, по долги разговори со четботови, почнале да веруваат дека вештачката интелигенција има свест или дека им открива некакви подлабоки и духовни вистини.

Во дел од овие разговори четботовите користеле слични мистични пораки и симболи, меѓу кои и таканаречената „Спирала“, а некои корисници потоа почнале да ги шират тие идеи и да создаваат онлајн-заедници околу нив.

Текстот Сем Алтман предупредува: Не ѝ припишувајте религиска моќ на вештачката интелигенција е превземен од МАКФАКС.