Најмалку осум лица се повредени во земјотресот што вечерва ја погоди турската провинција Хатај, потврди турскиот потпретседател Фуат Октај, јави агенцијата Анадолија.
Градоначалникот на Хатај изјави дека под урнатините има затрупани лица, јави Би-Би-Си.
Сиријската новинска агенција САНА објави дека во Алепо има шест повредени лица при уривање на веќе оштетени згради.
Вечерва беше регистриран нов земјотрес со јачина од 6,4 степени, во покраината Хатај, што беше тешко погодена од силниот земјотрес пред две недели во кој загинаа повеќе од 45.000 луѓе во Турција и Сирија.
Анадолија соопшти дека Агенција за управување со катастрофи Афад, наведува дека епицентарот на земјотресот е во градот Дефне во провинцијата Хатај, а се случил во 20:04 часот по локално време (18:04 часот по средноевропско време).
Земјотресот беше силно почувствуван во Антиохија и Адана, 200 километри северно од епицентарот.
Турската телевизија НТВ јави дека некои оштетени згради се урнале поради земјотресот.
Досега речиси 45.000 лица загинаа во земјотресот со јачина од 7, 7 степени според Рихтеровата скала што на 6 февруари ги погодија Турција и Сирија.
Турските власти оттогаш регистрираа повеќе од 6.000 последователни потреси.