Во американскиот Сенат беше презентиран нацрт-законот за демократија и развој на Западен Балкан, чија цел, како што се наведува, е да се поддржи економскиот развој на регионот преку иницијативи за инфраструктура, трговија и борба против корупцијата, вклучувајќи го и дефинирањето на санкциите за „одвраќање на дестабилизирачките активности на Западен Балкан“.

Нацрт-законот за демократија и просперитет на Западен Балкан го претстави сенаторот Жан Шахин, кој неодамна ја предводеше конгресната делегација со сенаторите Крис Марфи и Том Тилис во посета на Балканот, заедно со републиканскиот сенатор Роџер Викер.

Презентирајќи ја иницијативата, демократскиот сенатор Жан Шахин рече дека „поради неиспровоцираната војна на Русија во Украина и јасните амбиции на Путин да шири малигно влијание низ цела источна Европа, односот на САД со Западен Балкан е од клучно значење“.