Присуството на многу милионери во првите влади на Емануел Макрон предизвика многу дебати во 2017 година. Пет години подоцна, трендот само се зголеми, Владата на Елизабет Борн има дури 19 милионери од 41 член, јави дописникот на МИА.
Ле Монд повикувајќи се на податоците објавени од францускиот Високиот орган за транспарентност на јавниот живот, пресмета дека министрите од Владата на Борн имаат просечно нето богатство од 1,9 милиони евра.
Најбогатиот член на актуелната Вчада е 48-годишниот Франк Ристер, министерски делегат за односи со Парламентот, кој поседува речиси 11 милиони евра имот. На другиот крај од спектарот е државната секретарка за деца, Шарлот Каубел (50) која има помалку од 30.000 евра.
Според анализата на Ле Монд, повеќе од половина од богатството на министрите (52 проценти) потекнува од недвижен имот. Со три исклучоци – Габриел Атал (јавни финансии), Шарлот Каубел и Ерве Бервил (море) – сите членови на Владата поседуваат барем еден стан или куќа. Рекордот во оваа област го држи Доминик Фор, делегат министер задолжен за локалните власти и руралноста, која со своето семејство поседува пет куќи, два стана и земјоделско земјиште.
Финансиските средства претставуваат 45 отсто од имотот на членовите на Владата. Дваесет министри поседуваат акции и хартии од вредност, а 25 имаат животно осигурување.