Клиничарите објавуваат извештаи во научни списанија за невообичаени или ретки случаи кои ги снашле пациентите. Често се работи за неочекувани симптоми, ретки несакани ефекти или иновативни пристапи на лекување. Така, оваа година беа објавени неколку приказни кои се прилично неверојатни. Подолу ќе се потсетиме на нив.

Маж се предозирал со витамин Д откако земал 80 пати повеќе од препорачаната количина

Студија на случај на средовечен маж кој бил хоспитализиран поради дијареа, слабеење и тинитус откако земал 80 пати повеќе од препорачаната количина на витамин Д за еден месец, беше објавена во списанието BMJ Case Reports во јули оваа година.

Витаминот Д е важен за здравјето на коските и се добива природно од сончева светлина и храна како што се печурките и масни риби. Ако се зема во големи количини, како додаток во исхраната, може да биде токсичен за органите, вклучувајќи ги бубрезите, цревата и срцето.

Тестовите на крвта покажаа дека нивото на витаминот Д на мажот е седум пати поголемо од препорачаното, како и дека нивото на калциум му е опасно високо, а неговите бубрези се изложени на ризик од оштетување. Имено, витаминот Д ја регулира количината на калциум во организмот, па предозирањето може да предизвика високо ниво на калциум, што може да се манифестира со симптоми како поспаност, психоза и кома.

Иако земањето на препорачаната доза на витамин Д е безбедно, експертите по овој случај ги охрабруваат сите да разговараат со својот лекар пред да почнат да земаат какви било додатоци.

Еден човек развил редок синдром на посторгазмична болест

Една студија на случај објавена во медицинското списание Urology Case Reports во ноември опишува 27-годишен маж кој престанал да има секс затоа што доживувал симптоми слични на грип секој пат кога ејакулирал. Неименуван маж од Мичиген страдал од кашлање, течење на носот, кивање и осип по секоја ејакулација.

Лекарите веруваат дека тоа е синдром на пост-оргазмична болест, кој предизвикува симптоми слични на грип и алергии откако личноста ќе доживее оргазам. Симптомите може да траат до една недела.

Според извештајот, причината е непозната, а состојбата погодила најмалку 60 луѓе во последните 20 години. Нема докажани третмани, но во извештајот се вели дека антихистаминот наречен фексофенадин довел до 90 отсто намалување на симптомите на пациентот.

Човекот го променил начинот на исхрана и јазикот му поцрнил

Извештајот објавен во JAMA Dermatology во март 2022 година опишува маж во неговите 50-ти години кој развил црн, влакнест јазик откако мозочниот удар го принудил да јаде пасирана храна.

Дерматолозите напишале дека оваа појава е почеста кај луѓето кои јадат пире. Тоа е предизвикано од недостаток на абразија или стимулација на врвот на јазикот, што доведува до таложење на протеин наречен кератин. Како резултат на тоа, конусните проекции кои го покриваат јазикот наречени филиформни папили стануваат долги и добиваат изглед на влакна.

Лицето може да добие и влакнест јазик затоа што има лоша орална хигиена, пушат цигари, користи оксидирачки средства за плакнење на устата или орални антибиотици, пие прекумерни количини кафе или чај или има состојби како што се ХИВ или рак.

Црниот влакнест јазик е привремена, безопасна состојба која обично се враќа во нормала со четкање на јазикот со четка за заби или стругалка за јазик. Лекарите напишале дека состојбата на мажот се подобрила по 20 дена со „правилно чистење“.