Најмалку 10 лица ги загубија животите во поплавите во две турски провинции, кои беа разурнати од катастрофалниот земјотрес минатиот месец, јави денеска АП.

Силниот дожд и поплавите создадоа дополнителен проблем за илјадници луѓе кои останаа без покрив над главата, додаваат турските власти.

Едно лице загина во градот Тут во југоисточната провинција Адијаман, кога водата однела контејнер во кој живеела група преживеани од земјотресот, изјави гувернерот Нуман Хатипоглу.

Четири лица од Тут се водат за исчезнати. Во соседната провинција Шанлиурфа четири лица загинаа, а двајца пожарникари се водат како исчезнати по поплавите, изјави гувернерот Салих Аџан за „Хабертурк“.

Малку подоцна, спасувачите пронајдоа тела на пет сириски државјани во поплавен подрум во Шанлиурфа, пренесе агенцијата DHA за АП. Силен земјотрес ги погоди јужните делови на Турција и Сирија на 6 февруари, при што загинаа повеќе од 56.000 луѓе, повеќето од нив во Турција.