Министерството за внатрешни работи денеска поднесе кривична пријава против поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата Ване Цветанов за злоупотреба на службана положба и овластување, со што го оштетил државниот буџет за 75.000 евра. Цветанов се товари дека вршел незаконски јавни набавки и ја ангажирал невенчаната сопруга Дунавка Трифуновска и со државни пари оделе на заеднички службени патувања, јавува СДК.

„Во текот на 2021, спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки пријавениот, без да спроведе постапка за јавни набавки која бил должен да ја спроведе, од неколку економски оператори набавил стоки и услуги во вкупен износ од 36.954 евра, набавки кои го надминуваат законски дозволениот износ од 12.000 евра во тековната година за набавки на стоки без спроведена постапка, додека во текот на 2022 продолжил со дејствијата и извршил набавка на стоки и услуги од неколку економски оператори во вкупен износ од 7.000 евра за кои постои основано сомнение дека нема реална оправданост за набавка на истите за потребите на телото. Тој ги пречекорил границите на своето службено овластување, постапувајќи спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, спротивно на Статутот на телото и спротивно на Законот за ревизија склучил три договори за ангажирање на надворешен советник за специјални цели во телото со Д.Т., која била негова невенчана сопруга, без предвиден надоместок за ангажираното лице. Притоа овие договори биле искористени и како основa за заеднички службени патувања во странство, за што по основ на дневници за службени патувања и патни и дневни трошоци, од сметката на телото неосновано и противправно биле исплатени парични средства во вкупен износ од 1.525 евра.

На истиот начин Цветанов склучил уште 18 договори за ангажирање на надворешни лица по разни основи, за услуги за кои согласно правилникот за систематизација на работни места и листата на вработени во стручната служба на телото веќе биле вработени таков профил на кадри. Поради ваквите дејствија на пријавениот, од средствата на телото непотребно и неосновано биле исплатени парични средства во вкупен износ од 129.321 евро.

„Дополнително, пријавениот, постапувајќи спротивно на Статутот на телото и спротивно на Законот за ревизија, без претходно донесена Одлука на одржана седница на телото, набавил апликативен софтвер од правно лице иако веќе имало склучено Договор со друг правен субјект кој договор бил во важност, од кој претходно биле набавени апликативни и софтверски решенија за потребите на телото. Со ваквото пречекорување на границите на своите службени овластувања пријавениот дополнително нанел штета на средствата во сопственост на телото во вкупен износ од 921 евра.