Фудбалската репрезентација на Македонија ги почна подготовките за мечот против Малта в четврток, со кој националниот тим го отвора новиот циклус квалификации за Европското првенство 2024 во Германија.
Селекторот Благоја Милевски го одржа првиот тренинг со фудбалерите, а националниот тим треба да се комплетира во текот на утрешниот ден, кога треба да пристигнат и Елиф Елмас, Стефан Ристовски и Аријан Адеми. Дуелот со Малта и првиот собир во квалификациите го најави јунакот од Палермо, Александар Трајковски.
„Имаме нов циклус, добивме тешка група, но мора тоа да го прифатиме. Денес во фудбалот нема аутсајдери, сите се натпреваруваат, сите трчаат, па не треба да ја потцениме Малта. Нема да биде лесно, но добро ќе се припремиме. Фаворити сме на хартија, но нашето е да го дадеме максимумот. Првиот натпревар е битен да почнеме како што треба во овој циклус. Фокусот мора да ни биде на три бода против Малта. Со нерешен резултат нема да бидеме задоволни. Да започнеме добро и понатаму да продолжиме во тој ритам“, смета Трајковски.
Почеток на домашен терен е подобрата опција и Трајковски верува дека тоа ќе донесе и многу гледачи на трибините.
„Убаво е да го започнеме циклусот квалификации на домешен терен. Се надевам дека ќе дојдат многу луѓе да нè поддржат. Нашето е да го покажеме на терен, а луѓето ќе дојдат во поголем кога ќе видат дека го даваме максимумот“, заврши еден од нашите најискусните напаѓачи.
Македонија има пет победи во шест натпревари против селекцијата на Малта, во последните триесет години, кога се одиграа сите дуели на овие две селекции. /Gol.mk/