Тој посочи дека рускиот претседател Владимир Путин на неуспесите реагира со поголема бруталност. Тој рече дека со доаѓањето на зимата Москва ја бомбардира енергетската инфраструктура со цел да ја фрли Украина на колена
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ја пофали Германија за снабдувањето со оружје на Украина, истакнувајќи дека германските системи за противвоздушна одбрана помагаат да се заштитат домовите, училиштата и болниците од руски ракети.
„Испораките на оружје од Германија спасуваат животи. Сите ние мора да ја продолжиме нашата поддршка за Украина, па дури и да ја зајакнеме“, нагласи Столтенберг за германскиот весник „Велт ам Зонтаг“.
Столтенберг нагласува дека тоа им помага на Украинците да го остварат своето право на самоодбрана.
Тој посочи дека рускиот претседател Владимир Путин на неуспесите реагира со поголема бруталност. Тој посочи дека со доаѓањето на зимата Москва ја бомбардира енергетската инфраструктура со цел да ја фрли Украина на колена.
„Путин се обидува да ја искористи зимата како оружје, но нема да биде успешен“, рече Столтенберг.
Тој нагласи дека колку Украина е поуспешна на воен план, толку нејзината позиција ќе биде посилна пред идните преговори.
„Можеме да ја зајакнеме позицијата на Украина на преговарачката маса само ако и обезбедиме воена поддршка. Најдобар начин да се поддржи мирот е да се поддржи Украина“, објасни Столтенберг.
Тој призна дека поддршката на Украина носи трошоци за западните општества.
„Зголемувањето на цените на храната и енергијата значат тешки времиња за многу домаќинства во Европа, но треба да запомниме дека Украинците секојдневно ја плаќаат таа цена со крв“, објасни Столтенберг.
Ако Путин ја добие оваа војна, вели тој, тоа би значело дека тој и другите автократи ќе продолжат да користат сила за да ги постигнат своите цели.
„Тоа би значело повеќе војни и страдања. Тоа би го направило нашиот свет уште поопасен. Во наш интерес е да и помогнеме на Украина“, објасни Столтенберг пред конференцијата на министрите за надворешни работи на НАТО во Букурешт.
Шефовите на дипломатијата на ЕУ имаат намера следната недела да одобрат дополнителна помош за Украина./360stepeni