Во Србија денеска се одбележува Денот на државноста во знак на сеќавање на 15 февруари 1804 година, кога во Орашац започна Првото српско востание за ослободување од Турците, а на истиот ден во 1835 година е прогласен првиот Устав кој го означи и почетокот на современата државност.
Српскиот Парламент на 10 јули 2001 година одлучи да се прославува Денот на државноста, кој од 2012 година се празнува два дена – на 15 и 16 февруари.
Во Старото собрание во Крагуевац денеска ќе се одржи Академија „Кнежев запис“, на која ќе присуствува и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во Орашац, претседателот на Собранието на Србија, Владимир Орлиќ и претседателот на Народното собрание на Република Српска Ненад Стевандиќ ќе положат венци на споменикот на водачот на Првото српско востание, Ѓорѓе Петровиќ – Вожд Караѓорѓе (1762-1817).
По повод Денот на државноста, претседателот на Србија во зградата на Претседателството во Белград ќе им додели признанија на заслужни поединци и институции.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ ќе положат венци во црквата „Св.Ѓорѓе“ во Опленац.