Силен земјотрес вечерва го погоди Мексико. Тлото се затресе помалку од еден час откако алармот за земјотрес беше огласен како потсетник на силни потреси истиот ден во 1985 и 2017 година.

 

Според мексиканските сеизмолози, магнитудата е 7,4 степени, а епицентарот на земјотресот бил на брегот на Пацификот.

Претседателот на Максико, Андре Мануел Обрадор, објави на Твитер дека за сега е потврдена смртта на најмалку еден човек. Маж загина кога на него се урнал ѕид во еден трговски центар во местото Манзанило во мексиканската држава Колина.

Земјотресот го погоди брегот на Ла Пласита де Морелос во западно Мексико, објави Американскиот геолошки институт. Тие наведуваат дека земјотресот се случил на 46 километри југоисточно од градот Ла Пласита де Морелос во државата Мичоакан, а епицентарот бил на длабочина од 10 километри.

Градоначалничката на Мексико Сити, Клаудија Шајнбаум рече дека нема прецизни податоци за штетата во главниот град по потресот, кој протатне низ Мексико во истиот ден кога таква елементарна непогода ја погоди земјата во 1985 и во 2017 година.

„Деветнаесетти е ден од кој треба да се плашиме“, рече Ернесто Ланцета, сопственик на фирма во градскиот кварт Куатемок.

Илјадници луѓе загинаа во потресот во Мексико во 1985, а повеќе од 35о лица го загубија животот во 2017 година.