Италија се подготвува да ја добие првата жена премиер, но и првиот екстремно десничарски лидер по Бенито Мусолини, што го зголемува стравот кај некои европски лидери.
Џорџа Мелони, 45-годишна новинарка родена во италијанската престолнина Рим, освои најмногу гласови на изборите.
Што да очекува ЕУ?
Животот за некои од европските лидери за време на владеењето на поранешниот италијански премиер, Марио Драги, може да се оцени како „релативно лесен“, посебно кога станува збор за францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц. Искуството на економистот Драги ѝ помогна на Европа во неколку наврати, но според зборовите на 45-годишната новинарка, подготвена да стане премиерка на Италија, „забавата за Европа заврши“.
Бројните контроверзни изјави на Мелони често беа критикувани од страна на левичарските лидери од ЕУ.
Во говорите низ годините Мелони „удри“ по илегалните имигранти и „ја разбуди идеологијата“.
Таа им рече на американските конзервативци дека „целиот наш идентитет е нападнат“ и ја обвини Европската унија дека е соучесник во етничката „замена“.
Таа го брани и му се восхитува на Виктор Орбан, популистичкиот премиер на Унгарија.
Подемот на Мелони го следи успехот на шведските демократи, кои минатата недела ја прогласија победата на изборите во таа скандинавска земја. Марин Ле Пен во Франција освои 41 отсто од гласовите во нејзината трка против Емануел Макрон во април. Сето ова се знаци на моќна промена на европската рамнотежа кон националистичката тврда десница. Заситени од неуспесите на етаблираните партии, гласачите се осврнуваат кон „неиспробаните и непроверените“ политичари, смета познатиот британски весник „Економист“.