За разлика од претходните години, во пресрет на оваа година, кога ќе ги замислиме своите цели што сакаме да ги постигнеме во следната година, треба да сме свесни за важноста на здравјето, да бидеме подисциплинирани кога станува збор за здравиот начин на живот и да го вреднуваме секој миг.
Од гастрономски агол, 2020 година помина во знакот на фокусот на здрава храна поради светската пандемија со ковид-19, внесување големо количество витамини и минерали, алтернативи базирани на месо, на растителна основа, до предност на производи од одржлив извор, кето-менија, и уште многу нови преференции во кулинарството за кои допрва ќе треба и да размислиме. Употребата на нови состојки и промена на вкусот, различните комбинации на благо, луто, кисело, го преобликуваа начинот не само во рестораните, баровите, хотелите и слично, туку и во секој дом. Продолжуваме и во новата година во откривање и поставување на трендови заедно со шеф Бранко Попоски, познат и како Готвиме со Бранко („Cooking with Branko“)
Како од гастрономски аспект изгледаше 2020 година?
– Eдноставно – многу вкусно и поразлично од сите други години. Повеќе од времето го поминавме дома. Имавме соочување со самите себе во тие четири ѕида и единствено ни преостануваше да започнеме да твориме на одредени теми во коишто гастрономскиот момент не можеше да биде исклучен. Нормално, мора да се нахраниш и да уживаш во тоа што го јадеш, а за да го почувствуваш, мора да го зготвиш. Искрено, научив многу работи за себе што не сум ги знаел досега, а сепак се на таа страна од гастрономијата. Вкусови – милион, нови рецепти – тон и пол, онлајн-дружби со луѓе кои уживаат во убава храна и вино, спарување на убави моменти, имагинација со комбинирање на различни кујни, и доколку продолжам со овие приказни од кујна ќе треба едноставно да си земеме чаша вино и да зборуваме за сè убаво на тема гастрономија во 2020 година. Јас уживав во сè оваа година и покрај сите случувања! Уживав и во појадокот со моите дома, утринските навики со колегите од работа на тема „што ќе јадеме денес?“, соработките со моите драги сомелиери, тук-таму некаде по некој уникатен гастрономски настан и неверојатни уживања со мала група луѓе, нови гастрономски проекти од кои научив доста, а еден од нив – „1001 оброк“, кулинарскиот проект и шоу што се емитува на Алсат-М телевизија и нешто што започна како #UNIQUEExperience, а тоа е проектот Food&Wine Experience, чие лансирање се случи во лозјата во Сопот. Сума-сумарум – година на предизвици и на гастрономски откритија и уживања во секој поглед.
Дали, и што, според тебе, научивме од ковид–кризата?
– Лекција дека е време за прилагодување на промените. Период кога не само јас, туку и многу други открија доста работи поврзани со себеси што не ги знаеле претходно. Оваа криза ме поттикна да бидам покреативен во размислувањето, да сум концентриран за едноставни работи, но и да размислам за многу одлуки во животот кои беа донесени многу посвесно би рекол, од претходно. Научивме и повеќе да сакаме, да си недостигаме еден на друг. Но сметам дека не научивме да се чуваме, и тоа е тој дел од лекцијата што го прескокнуваме секогаш, но кај и да е, ќе му дојде време за полагање.
Исто, многу важно нешто кое сакам да го кажам е тоа дека, што и да случува со светот, семејството е секогаш твојата најсигурна алка! Сакајте ги вашите најблиски, споделувајте љубов – не треба да чекаме да се случат вакви работи во светот за да научиме дека љубовта е многу потребна!
Со какви планови и добри мисли целиш кон 2021-вата година?
– Тргнувајки од сите промени кои ги донесе 2020 во нашите животи, сметам дека најважно е да се потсетиме колку е важен човечкиот живот, колку се бесценети прегратките на нашите најблиски и сиот оној социјален живот кој буквално беше бојкотиран поради пандемијата. За разлика од претходните години, во пресрет на оваа година, кога ќе ги замислиме своите цели кои што сакаме да ги постигнеме во следната година треба да сме свесни за важноста на здравјето, да бидеме подисциплинирани кога станува збор за здравиот начин на живот и да го вреднуваме секој миг. Сите мои идни планови во новата 2021 година ќе бидат поврзани со тоа. Да бидеме здрави и добри човечки битија.
За крај ќе кажам само уште нешто, време е за максимално уживање во храната, освојување на нови и несекојдневни дестинации преку кои ќе се овозможи максимално искуство и задоволство за сите присутни. Продолжуваме да освојуваме!
Пред нас се новогодишните и божиќните празници, време што го минуваме дома со најблиските, годинава во уште поограничен круг на семејството. Би ни препорачал ли вкусни рецепти?
– За почеток, ви препорачувам Чоколаден ролат, Chocolate roulade, Yule log или Bûche de Noël
Потребни состојки:
175 грама темно чоколадо
6 јајца
175 грама кафеав шеќер
2 мали лажички сода бикарбона
Неколку капки ванила екстракт
За кремот:
300 грама француско крем сирење
5 лажици кафеав шеќер
3 лажици крем од бадеми
За чоколадната глазура:
100 грама темно чоколадо
50 грама путер
30 мл млеко од бадем
Начин на подготовка:
175 грама чоколадо искршете го во длабоко тенџере и ставете го да се топи на пареа. Во поголемо тенџере додадете вода, а врз отворот од тенџерето додадете го помалото тенџере каде што го додадовте чоколадото. Да се топи на пониска температура.
Во два сада, разделете ги белките од жолчките.
Матете ги белките со миксер на силно, сè додека не се зацврсти смесата на белките. Додека матите додадете и 2 мали лажички сода бикарбона.
Потоа, изматете ги жолчките со шеќерот и додадете ванила екстракт.
Откако ќе се стопи чоколадото оставете го да излади.
Потоа, додадете ги матените жолчки во растопеното чоколадо, мешајте со миксер сѐ додека не се хомогенизира смесата. Белките додадете ги постепено со воздушно мешање со лажица.
Во плиток плех, додадете хартија за печење, а претходно ринглата вклучете ја на 200 степени. Истурете ја смесата врз хартијата за печење, и ставете да се пече 20 минути со постепено намалување на температурата. Треба да добиете меко тесто, кое лесно ќе го отстраните од хартијата за печење.
Додека се пече тестото, подгответе го кремот за филување.
Во сад, додадете го крем сирењето и матете со миксер сè додека не добиете кремаста текстура. Во крем сирењето додадете го кафеавиот шеќер и кремот од бадеми, и продолжете со матење.
Оставете го кремот да се стврдне во фрижидер околу 5-10 минути.
Откако ќе се испече тестото, извадете го полека од хартијата за печење и постепено филувајте го со кремот од крем сирење. Откако ќе го покриете целото тесто, почнете од краевите да завиткате и да формирате ролат.
Подготовка на глазура за чоколадо:
Се крши чоколадото и се става во тенџере. Во тенџере се додава бадемовото млеко и путерот. Постојано се меша сè додека не се растопат путерот и чоколадото. Можете да додадете и неколку капки маслиново масло за да добиете светкава чоколадна глазура.
Глазурата се полива врз ролатот, кој се декорира во форма на дрво со помош на дрвено стапче или пак вилушка. Можете да додадете и новогодишни и божиќни украси.
На здравје!
Шеф Бранко ви посакува да бидете здрави и добри човечки битија во Новата 2021 година.
Утре, на порталот Слободен печат, шеф Бранко ќе ни покаже како се готват полнети златни шампињони со ориз, моцарела и пармезан, и како додаток чварки и беби рукола.