Во општините Кривогаштани, Прилеп, Кичево, Пласница, Гостивар и Врапчиште мнозинството членови на Советот и на раководните позиции се мажи, а во општина Пласница само еден член на Советот на општината е жена, покажува најновото истражување на Рурална коалиција.

Според истражувањето, ниту една од овие општини нема програма, план или мерки што се однесуваат директно на унапредување на родовата еднаквост иако општините согласно закон се обврзани секоја година да доставуваат извештаи до Министерството за труд и социјална политика за активностите и мерките што се преземаат во текот на годината за унапредување на практикувањето на родовата еднаквост.

-Општините мора многу посериозно да работат на унапредување и практикување на родовата еднаквост, почнувајќи со најмалиот потег. Доволно е, на пример, да организираат една манифестација на годишно ниво за да ја промовираат родовата еднаквост. Потребно е да влијаат на зајакнување на свеста и кај мажите и кај жените за вклучувањето на жените во процесите на донесување одлуки зашто само така ќе може да се задоволат специфичните потреби и на мажите и на жените, вели за МИА извршната директорка на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски.

Програмската координаторка на Рурална Коалиција, Елизабета Ристеска Мрческа, пак, нагласува дека согласно резултатите од анализата, не постои поголема разлика меѓу урбаните и руралните општини кога е во прашање практикувањето на родовата еднаквост и дека општините во најголем дел исклучиво ги исполнуваат законски предвидените обврски и тоа како про-форма.

-Тука целосно запираат процесите, а кога станува збор  за европските интеграции општините имаат само минималните познавања што нам ни дава знак дека треба да се работи многу напорно и да се вложи многу за да може да зборуваме за родово рамноправни општини во земјава. Како државата која   претендира за членство во ЕУ, Република Северна Македонија треба да се прилагоди кон европските документи и регулативи што подразбира еднакво учество на мажите и жените во сите сфери од општественото живеење, вклучувајќи и распределба на моќта во одлучувањето, потенцира Ристеска Мрческа.

Рурална Коалиција денеска ќе ги презентира резултатите од родовата анализа за општините Кривогаштани, Прилеп, Врапчиште, Гостивар, Кичево и Пласница. Анализата, која е изработена во рамки на проектот „Со европско знаење за подобрена родова еднаквост во локалната заедница“. Анализата, вели Јоноски, се подготвуваше во периодот мај – јули 2022 година.