Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска учествуваше на втората Национална конференција за безбедност на патиштата и ја истакна заедничката обврска до 2030 година да се намали бројот на загинати и тешко повредени во сообраќајот за најмалку 50 проценти, како и дека за Скопје е поставена уште поамбициозна цел, нула сообраќајни несреќи со смртен исход до 2030 година.
– Како градоначалник, моја одговорност е да направам сѐ што е во моја моќ за секое дете безбедно да стигне на училиште и секој родител да се врати дома кај своето семејство. Во мојата програма предвидов редизајн на 50 критични крстосници и улици според докажани европски стандарди. Ќе вложуваме во подобро осветлување, јасна сигнализација и поврзани пешачки и велосипедски патеки. Моја цел е детето што тргнува на училиште да може безбедно да ја премине улицата, а човекот што користи инвалидска количка да може непречено да се движи по тротоарот. Токму затоа, уште од првиот ден, меѓу приоритетите ги ставив булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и клучката „Момин Поток“. Нивната вредност скопјани ќе ја почувствуваат секој ден кога ќе патуваат побезбедно до работа, до училиште и до дома – рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски го поздрави проектот „Безбеден град“ (Safe City) на МВР кој веќе е и меѓународно награден, благодарение на министерот Панче Тошковски, кој со евидентирањето на прекршоците придонесува за поголема дисциплина зад воланот.
– Правилата мора да важат за сите. А до секој што денес ќе седне зад воланот имам една порака. Да го остават телефонот. Да ја намалат брзината пред пешачки премин. Ниту едно брзање не вреди повеќе од човечки живот. Да бидеме одговорни – нагласи Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.






















