Итно укинување на членот 14 од Уредбата донесена на 23.06.2020 со кој се забранува организирање секаков вид настани (свадби, крштевки, родендени) во отворен и затворен дел од угостителските објекти, бараат членките на Туристичко-угостителската комора (ТУК).
Тие денеска на прес-конференција апелираа државата да донесе соодветни протоколи за да почнат со работа.
– Advertisement –
Ако тоа не се случи, како што најавија, идната недела ќе излезат на масовен протест.
-Почнувајќи од 15.03.2020, ние, како угостителски објекти за организирани настани, речиси една година немаме протокол за почнување на нашата дејност. Ние сме единствени економски оператори кои имаат 11 месеци забрана за работа, а користевме парцијална државна помош во поддршката за плати и придонеси, која траеше само шест месец. Располагаме со големи капацитети, соодветна квадратура и можност за одржување организирани настани, со што би се запазиле усвоените протоколи според кои функционираат останатите „A la carte“ ресторани со ограничено работно време. Да не ги држиме во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона, како претходната. Да спречиме да ни се повтори минатогодишниот пропуст, кога младоженците беа принудени своите свадбени церемонии да ги прават во сопствените дворови и изнајмени викендици, без да имаат можност да се примени соодветен протокол со дистанца и без потребните хигиенско-санитарни услови, реагираа членките на ТУК.
Според нив, исплатата на еднократната парична помош во вид на грант, со максимален износ од 10.000 евра, е 2-4 отсто од вкупно остварениот промет во 2019 година, што е минимална поддршка за сервисирање на трошоците на оваа категорија угостители со оглед на големината и квадратурата на објектите со кои управуваат.