Една седмица пред официјалното доделување на наградата „The Best“ на ФИФА, протече информација кој ќе биде прогласен за најдобар фудбалер во светот за изминатата година. Тоа го откри новинарот Френсис Агилар, истакнувајќи дека аргентинскиот ас Лионел Меси ќе ги победи останатите двајца конкуренти, Килијан Мбапе и Карим Бензема. Лионел Меси со репрезентацијата на Аргентина го освои Светското првенство во Катар.

Светската фудбалска федерација (ФИФА) на 27 февруари и официјално ќе го објави името на најдобриот фудбалер за 2022 година. Наградата „The Best“ почна да се доделува од 2016 година кога ФИФА реши да се оддели од „Франс фудбал“ кој ја доделува „Златната топка“. На 10 февруари ФИФА ја скрати листата на тројца фудбалери и тоа се Лионел Меси, Карим Бензема и Килијан Мбапе.

Кристијано Роналдо беше добитник на првите две награди „The Best“, а во 2018 година Лука Модриќ беше најдобар светски фудбалер. Лионел Меси првпат ја доби наградата во 2019 година, а последните две години му припадна на Роберт Левандовски./Makfax

Прикажи повеќе