Семејството Глејзер, во чија сопственост се наоѓа фудбалскиот клуб Манчестер Jунајтед, се уште немаат донесено конечна одлука дали ќе го продадат клубот. На заинтересираните им дадоа рок од десет дена да ги подигнат своите понуди, кои во претходниот круг беа далеку под шест милијарди евра што ги бараа.

Во текот на денот клупските челници и спортскиот директор Џон Мурто ќе имаат средба со потенцијалните купувачи од Катар, а во петок со Џим Ретклиф. Ќе се запознаат со сите важни детали околу евентуалното купување, а на лице место ќе можат да ги проверат сите потребни информации кои клубот ќе им ги стави на располагање.

Дури потоа, групата “Реин”, која раководи со овој процес, на семејството Глејзер ќе му претстави фаворит кој потоа ќе има целосен увид во финансиите на клубот. Шеикот Јасим бин Хамад Ал-Тани нема да биде на состанокот, тој испрати група директори и адвокати да ја застапуваат неговата понуда.

Од друга страна, Џим Ретклиф, кој сака да купи 69 отсто од акциите во сопственост на семејството Глејзер, во петок ќе дојде директно од Ница, каде што го води истоимениот клуб. Англиските медиуми пренесуваат дека има најмалку осум потенцијално заинтересирани купувачи, пред се од САД, како што е групацијата “Елиот”./Makfax/

Прикажи повеќе