Во книгата „Deux Jeunesses Françaises“ објавена кон крајот на јануари годинава, Ерве Алгаларондо се осврна и на контроверзната љубовна приказна помеѓу францускиот претседател, тогаш 15-годишен ученик и неговата сегашна сопруга Брижит Макрон, која во тоа време му била наставничка.
Емануел Макрон е 24 години помлад од неговата сопруга, во која се вљубил како средношколец, а нивната врска, уште од самиот почеток наишла на осуда. Неговите родители во еден момент биле близу до одлука да ја пријават на надлежните и да ја обвинат Брижит за непристојна врска со нејзиниот ученик.
Денешната прва дама на Франција ја спасила бабата на Макрон, Манет, која била единствената што ја поддржувала двојката, открива Алгаларондо во својата книга.
Тие се запознале во 1995 година во училиштето „Lycée La Providence“ во Амиенс, во кое бил запишан Емануел, а Брижит работела како професор по француски јазик и литература, а исто така водела и драмска група. Тие се запознале за време на пробите во театарот и се вљубиле.
Во тоа време, Брижит била мажена за Андре-Луис Озиер со кого има три деца, а 15-годишнниот Макрон ја освоил, со својата интелигенција. Дека Макрон бил исклучително бистар млад човек, потврдуваат и авторот на книгата и неговите соученици од тоа време кои велат дека денешниот претседател на Франција бил повеќе од примерен ученик.
„Тој беше извонреден ученик, најдобар, прв во сè, цело време. Емануел беше исклучително талентиран, понадарен од другите, едноставно се истакнуваше. Знаеше како да ја покаже својата интелектуална супериорност, додека истовремено беше ценет од другите ученици. Всушност немаше пријатели, но не беше изолиран затоа што знаеше да воспостави контакт и да се справи со непријателство“, вели неговиот соученик Рено во книгата.
На почетокот, двојката не била премногу дискретна, па родителите на Макрон многу брзо дознале за нивната врска и решиле да направат сè за да ја прекинат таа врска. Тој бил испратен во престижното средно училиште „Lycée Henri IV“ во Париз, за да го продолжи своето образование, со надеж дека разделбата ќе си го направи своето.
Мајката на Макрон, го замолила нејзиниот тогаш веќе поранешен сопруг да го убеди Емануел дека мора да ја прекине врската со неговата наставничка. Но, нивните обиди биле залудни, затоа што Макрон ѝ ветил на својата сакана дека ќе се врати и ќе се ожени со неа, што и го направи во 2007 година. Кога дознале дека нивниот син сè уште се гледа со Брижит, родителите збеснале и ѝ се заканиле со тужба, но бабата на Макрон во последен момент ги разубедила молејќи ги да не ги вклучуваат институциите.
Токму неговата баба сфатила колку Брижит е важна за нејзиниот внук, па дури им помагала тајно да се состануваат на почетокот на врската. Бабата на Макрон, Манет почина во 2013 година и до последен ден го поддржувала внукот и неговата љубов кон Брижит.
„Брижит Макрон еднаш рече: – Она што е тој денес, е благодарение на самиот себе и на неговата баба“, пишува Алгаларондо во книгата.
Макрон со години не бил близок со неговите родители токму поради нивното жестоко спротивставување на врската и подоцна на бракот со 24-години постарата Брижит. Но, со текот на времето, тие се помириле со настаните. Претседателскиот пар сè уште е во среќен брак и денес се во добри односи со неговите родители.