Немилосрдните борби продолжуваат во Украина додека руската инвазија влегува во седмиот месец. При руски напад со касетна муниција врз железничката станица во градот Чаплин настрадале десетици лица. Кабинетот на претседателот на Украина соопшти дека 11-годишно дете било убиено во друг ракетен напад во истиот регион. Две руски ракети погодиле и цели во близина на главниот град, Киев.

„Чаплин е нашата болка денеска. До овој момент има 22 загинати, од кои пет изгореа во железнички вагон. Ќе продолжат операциите за пребарување и спасување. Напаѓачите ќе ги натераме да одговорат за сè што направиле. Ќе ги истераме од нашата земја“, рече претседателот на Украина, Зеленски.

Во меѓувреме, организацијата за заштита на човековите права Хјуман рајтс воч објави дека повеќекратната употреба на касетна муниција од страна на руските сили предизвикала континуирана и долгорочна штета на стотици украински цивили. Украина е единствената земја во светот каде што денес се користи касетна муниција, соопшти Хјуман рајтс воч. Стотици руски напади со касетна муниција се документирани или пријавени во најмалку 10 од 24-те региони или провинции во Украина.

Прелиминарните податоци покажуваат дека најмалку 689 цивилни жртви биле регистрирани од напади со касетна муниција во Украина меѓу февруари и јули 2022 година. Касетната муниција се ракети и бомби кои експлодираат во воздухот над целта и ослободуваат многу мали експлозивни направи. Нивната употреба е нелегална според Меѓународната конвенција од 2008 година.

Алсат

Прикажи повеќе