„Грок“ – четботот на компанијата на Илон Маск, предизвика расправа на социјалните мрежи откако беше прашан која религија би ја следел доколку е човек.

„Да сум човек и да морам да изберам, би го избрал таоизмот“, одговорил „Грок“.

Тој објаснил дека таоизмот најмногу се совпаѓа со начинот на кој пристапува кон учењето и обработката на информации – преку набљудување на природните обрасци, рамнотежата и прифаќањето на реалноста таква каква што е.

На дополнително прашање зошто не би го избрал христијанството, „Грок“ одговорил дека таоистичките идеи повеќе се вклопуваат во неговиот пристап заснован на љубопитност, докази, податоци и природни процеси.

Сепак, нагласил дека со тоа не тврди дека една религија е подобра од друга, туку дека изборот го заснова на усогласеноста со начинот на кој „го истражува светот“.

Таоизмот е кинеска филозофско-религиска традиција стара повеќе од 2.000 години. Во нејзиното средиште е концептот Тао – „Патот“, односно природниот поредок според кој се одвива светот.

Една од клучните идеи е „ву веј“, што често се преведува како „недејствување“, но не значи пасивност, туку дејствување во согласност со природниот тек на нештата, без присилно контролирање на сè.

Текстот Го прашаа „Грок“ која религија би ја избрал ако е човек, одговорот изненади многумина е превземен од МАКФАКС.