Поранешниот член на групата „Спајс Грлс“, Мел Б глуми во еден шокантен и морничав краток филм кој ја обработува темата – жртви на семејно насилство.
Пејачката со добротворната организација „Womеn’s Aid“ го снимија филмот „Love Should Not Hurt“ – „Љубовта не треба да боли“.
Во филмот, Мел го прикажува бегството на една жена од насилна врска и е инспирирана од приказните што ги слушнала додека и самата водела добротворни организации чија цел е да им се помогне на жените жртви на насилство.
Тешките сцени на семејно насилство се прикажани од почетокот на четириминутниот филм, додека пејачката се обидува да избега од куќата, пред партнерот да ја повлече и да ја фрли на подот.
Демонстрирајќи како силеџиите можат да го менуваат своето однесување во јавноста, парот потоа се гледа на забава со пријателите и семејството како сè да е најнормално. Сепак, на следната сцена се гледа како пејачката е силно претепана пред на крајот да избега и да ја најде својата слобода.
„Јас сум толку неверојатно горда што сум дел од овој проект што толку многу ми значи… Се чини чудно кога велам дека сум горда што покажав нешто толку брутално и вознемирувачко, но тоа е мојата мисија, затоа што сакам да се подигне свеста на луѓето за нешто што им се случува на многу жени секој ден, секоја недела, секој месец во нивниот живот“, рече Мел Б во врска со проектот.
Зборувајќи за своето минато, таа самата рече дека минува низ пекол.
„Вака изгледа семејното насилство и злоставувањето зад лажните насмевки. Трауматично, грдо и ја уништува душата… И јас бев една од нив, бев во врски со насилници. Затоа сакам да ја прекинам тишината и стигмата што ја носи оваа тема, затоа што мора да станеме и да направиме нешто“, истакна Мел Б.