Двајца браќа се извлечени живи од под урнатините во градот Кахраманмарас по осум дена од земјотресите. Спасувачките екипи успеаја да ги спасат Мухамед Енес Јенинар (17) и неговиот постар брат Баки (21). И двајцата се во болница.

Повеќе од 8.000 лица досега се извлечени живи. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изрази благодарност за помошта од меѓународната заедница. Тој рече дека над 80.000 повредени се веќе пуштени од болниците.

Првиот човек на Здружението за култура и солидарност на Албанците, Еврен Каја, изјави дека 70 Албанци загинале во земјотресот во Кахраманмарас, а уште тројца во Хатај.

„Во Кахраманмарас загинаа 70 од нас. Дури и во Хатај загинаа тројца Албанци. Ги видов таму на Фејсбук и ви кажувам што слушнав. Сега за храна не е проблем, но потребно е греење бидејќи е ладно“, рече Еврен Каја, претседател на Здружението за култура и солидарност на Албанците.

Повеќе од 7 милиони деца се погодени од разорните земјотреси. УНИЦЕФ проценува дека загинале неколку илјади од нив.

Двата силни земјотреса погодија 10 провинции во Турција, каде живеат околу 13,5 милиони луѓе, како и голема област во северозападна Сирија, каде исто така живеат неколку милиони.

Повеќе од 41.500 згради се уништени или тешко оштетени. Под многу од нив има тела, а бројот на исчезнати останува нејасен.

Во Турција како главна причина за големиот број урнати згради се смета лошото градење. Иако Турција има градежни правила кои ги исполнуваат стандардите за безбедност од земјотреси, тие ретко се почитуваат.

Шкелзен Аќифи