Леброн Џејмс деветта година по ред ја предводи листата на Форбс на кошаркари со најголема годишна заработка, со речиси 30 милиони долари повеќе од следниот на листата Стеф Кари. Иако има НБА-играчи со поголеми договори од Џејмс, тој ја направи разликата со инвестиции надвор од теренот.

Џејмс во наредната сезона ќе заработи 44 милиони долари од договорот со ЛА Лејкерс, а Форбс остатокот од неговиот приход го проценува на околу 80 милиони долари, што на годишно ниво изнесува 124,5 милиони долари.

Ниту еден играч во историјата на НБА не успеал да инкасира толку пари за една година.

Во пресметката се вклучени и спонзорските договори, но не и сите приватни инвестиции, така што ова е најниската можна проценка.

Втор на листата е Стивен Кари од Голден Стејт Вориорс (95,1 милиони), потоа Кевин Дурант (88), Џанис Антетокунмпо (86,5) и Расел Вестбрук (82,1). Топ 10 ја затвораат Клеј Томпсон, Демијан Лилард, Џејмс Харден, Пол Џорџ и Џими Батлер. Десеттемина заедно ќе заработат околу 750 милиони долари./Makfax/

Листата на Форбс на НБА-кошаркари

  1. Леброн Џејмс (ЛА Лејкерс) 124,5 милиони долари
    2. Стивен Кари (Голден Стејт) 95.1
    3. Кевин Дурент (Бруклин) 88,0
    4. Џанис Антетокунмпо (Милвоки) 86,5
    5. Расел Вестбрук (ЛА Лејкерс) 82.1
    6. Клеј Томпсон (Голден Стејт) 60,6
    7. Демијан Лилард (Портланд) 60,5
    8. Џејмс Харден (Филаделфија) 53,0
    9. Пол Џорџ (ЛА Клиперс) 51,0
    10. Џими Батлер (Мајами) 49,7