Штедливите домаќинства и малите фирми коишто се на регулиран пазар ќе имаат помали сметки за струја од 1 јануари.  Регулаторната комисија за енергетика најави намалување на сметките за домаќинствата од првиот и од вториот блок, додека во третиот и четвртиот блок, каде што се поголемите потрошувачи на струја, ќе има зголемување на сметките за електрична енергија. Намалувањето на цените е со цел да не се почувствуваат ефектите од зголеменото ДДВ од 5 на 10 проценти.

„Кај домаќинствата, цената на електрична енергија за првиот блок, се намалува за 4,11%. За вториот блок се намалува за 2,95%. Цената за третиот блок ќе расте за 0,85% и за четвртиот блок се зголемува за 7,65%“, вели првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски. Кога на оваа цена ќе се додаде зголеменото ДДВ, тогаш сметките остануваат исти или незначително ќе се коригираат кај дел од граѓаните.

Проценките се дека 99,2 проценти од домаќинствата ќе имаат намалени цени на електрична енергија и кај нив зголемувањето на ДДВ-то ќе биде минимално. Па така, ако вкупната цена што ја плаќаат потрошувачите во првиот блок била 7,72 денари за киловатчас, сега ќе биде 7,41 денар, односно за 4,11 проценти пониска од претходната цена.

„Доколку продолжат да штедат, многу мал процент ќе имаат зголемени трошоци за електрична енергија. Со овие наши одлуки, цената за пренос на електрична енергија се намалува за 8,66 проценти, а за 19,54 проценти се намалува цената за дистрибуција. Тоа е дополнителна помош и за компаниите коишто се на слободниот пазар на електрична енергија, затоа што нивните трошоци за мрежарина и вклучување се намалуваат за речиси 20 проценти“, вели Бислимоски.